Лековите се неопходни за пациентите со кардиоваскуларни заболувања.
Прочитајте ги одговорите на најчесто поставуваните прашања во врска со ова заболување, кои ќе ви помогнат најефикасно да ги земате потребните лекови..
Што треба да направам во случај на несакано дејство од некој лек?

Секој лек има несакани дејства.
Ако го прашате Вашиот лекар или фармацевт за можните несакани дејства на Вашиот лек и го прочитате упатството на лекот, нема Ве изненади појавата на несакано дејство.
Ако имате каков било симптом, важно е да се консултирате со Вашиот лекар. Ако, на пример, пиете лек за хипертензија и Вашиот крвен притисок е пренизок и се чувствувате слаби и изнемоштени, најверојатно проблемот е во дозата, која лесно се прилагодува.
Не се препорачува да престанете да ги пиете Вашите лекови без да се консултирате со Вашиот лекар, бидејќи во некои случаи тоа може да предизвика посериозни проблеми отколку да се појави некое несакано дејство. Овие случаи мора да се разгледуваат поединечно за секој пациент. Вашиот лекар може да ја прилагоди дозата или да Ви препише друг лек што нема да предизвикува несакано дејство.
Дали лекот делува?
Се препорачува пациентите да одат на редовни прегледи за да се утврди дали пропишаниот лек делува правилно, а постојат и лекови за кои е потребно да се прават редовни тестови на крвта за да се прилагоди дозирањето кај пациентите. Одредени лекови што се користат за третман на кардиоваскуларни заболувања, имаат за цел да спречат сериозни настани, на пример, инфаркт . Тоа се лекови на пример со ацетилсалицилна киселина, од кои можеби нема да чувствувате веднаш директен ефект. Додека ефикасноста на лек за хипертензија лесно може да се провери со едноставно мерење на притисокот, лековите што се користат за превенција немаат такви директни „резултати“. Сепак, важно е да го земате лекот што Ви бил препишан, бидејќи иако не чувствувате промена, тие се ефикасни во намалувањето на ризиците од кардиоваскуларни заболувања и придонесуваат за долговечност.
Како да ги разликувам лековите што ги пијам?
За третман на специфични кардиоваскуларни заболувања достапни се многу лекови, и тие може да се поделат во неколку главни категории, во т.н. групи според активните супстанции на лековите. Лековите од истата категорија имаат слично дејство, но нивните ефекти може да се разликуваат, па затоа е важно кој од нив го пиете (компатибилност со други лекови, јачина, големина на пакувањето). Може да Ви помогне името на активната супстанца. Имињата на лековите од иста категорија обично завршуваат исто. На пример, имињата на активните супстанци во лековите за хипертензија од типот на бета-блокатори обично завршуваат со „олол“.
Може ли да пијам лекови или производи без рецепт за време на третманот?
Без разлика дали имате главоболка, грип или настинка, пред да земете било какви лекови без рецепт, внимателно прочитајте го упатството и консултирајте се со Вашиот лекар или фармацевт за да одлучите дали тој производ може безбедно да се пие во комбинација со Вашиот лек.
Билките, витамините и додатоците во исхраната може да бидат корисни, но тие никогаш не можат да ги заменат Вашите препишани лекови за срце. Во одредени случаи, тие може да влијаат на тоа како функционира препишаниот лек и може да ја намалат неговата ефикасност. Постојат многу производи кои не биле подложени на клинички испитувања, што значи дека нема достапни податоци за нивната истовремена употреба со други лекови. Покрај тоа, концентрацијата на активната супстанца може да се разликува во производи од различни производители доколку станува збор за нестандардизирани производи, што може да има негативно влијание врз точноста на дозата и тоа може да го наруши здравјето. Секогаш консултирајте се со Вашиот лекар пред да земете такви производи.
Може ли да пијам лекови ако сум бремена?
Бремените жени и доилки не смеат да пијат одредени видови на лекови. Доколку треба да пијат лекови за срцеви проблеми, хипертензија или високо ниво на холестерол, лекарот мора внимателно да ги земе предвид ризиците за мајката и фетусот и да одлучи кој лек е најбезбеден во дадената ситуација. Консултирајте се со Вашиот лекар или гинеколог пред да пиете какви било лекови, вклучително и такви кои се продаваат без рецепт.
Може ли дел од моите лекови да ги дадам на друго лице?
Секој човек со срцево заболување има потреба од различни видови на лекови или различни активни супстанци. Не е дозволено да му го давате Вашиот лек на некој друг, бидејќи тоа може да го наруши неговото/нејзиното здравје.
Како да ги чувам лековите?
Повеќето лекови треба да се чуваат на ладно и суво место, така што топлата и влажна кујна и бања не се соодветни места. Не ги ставајте под прозорци и не ги оставајте во Вашиот автомобил, бидејќи тој може брзо да се загрее. Чувајте ги во фиока, во некое шкафче. Не ги оставајте лековите на многу достапни места по дома и чувајте ги подалеку од дофат на деца и домашни миленици. Прочитајте го упатството за лекот, вклучително и упатствата за чување и рокот на употреба.
Ако е можно, чувајте ги лековите во оригиналното пакување: тоа ќе ги заштити таблетите или капсулите и ќе ви помогне да знаете колку сте земале. Никогаш не земајте лекови со променета боја, текстура или мирис. Никогаш не земајте лекови со истечен рок.
Која е разликата помеѓу оригиналните и генеричките лекови?
Важно е да се знае дека фармацевтското истражување го прават т.н. иновативни производители. Развојот на нови молекули e долг и скап процес на истражување. Потоа, новата активна супстанца може да се патентира и само тогаш може да почне постапката за овластување за пуштање во промет. Молекулите се заштитени со патент одреден период, што значи дека може да ги произведува само производителот што ги развил. Кога патентот ќе истече, други компании може да ја произведуваат активната супстанца, тоа е она што ние го нарекуваме генерички лекови. Ова значи дека во зависност од мислењето на Вашиот лекар и Вашите преференции, активната супстанца препорачана за Вашиот третман ја има во неколку лекови, произведени и дистрибуирани од различни производители. Ви препорачуваме да се потпрете на советите од Вашиот лекар или фармацевт кога одбирате лекови: тие имаат ажурирани информации за клиничките испитувања на лековите со дадената активна супстанца и на трошоците за терапија , па можат да ви препорачуваат лекови што се најдобри за Вас.
поврзани статии:
Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.
Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2
ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.